Британско-американскиот актер Ченс Пердомо (27) загина во сообраќајна несреќа со мотор, а трагичната вест ја потврди неговиот ПР, пренесуваат американските медиуми.
Ченс играше во хорор-серијата на Нетфликс „Застрашувачки авантури на Сабрина“, а медиумите пишуваат дека Ченс во моментот на несреќата бил на моторот, како и дека нема други повредени.
„Неговата страст за уметност и апетитот за живот е она по што ќе го паметиме. Неговата топлина ќе живее во сите оние што најмногу ги сакаше. Ве молиме да ја почитувате желбата на семејството за приватност додека тие тагуваат за својот син и брат“, се вели во соопштението на семејството.
Пердомо е роден во Лос Анџелес, но пораснал во Англија. Улогата во серијата на Нетфликс го прослави, по што играше во сериите „After We Fell“, „After Ever Happy“ и „After Everything“. Минатата година играше во остварувањето „Ген В“.
Тој беше номиниран за најдобар актер на ТВ наградите Бафта за 2019 година за неговата улога во драмата на Би-би-си „Убиен од мојот долг“.