Хрватската лекарка Алемка Маркотиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести, објаснува зошто и млади луѓе умираат од коронавирусот. Таа изјави дека повеќето пациенти кои имаат тешка клиничка слика имаат повеќе причини за тоа. Нагласува дека е важно заболените во рана фаза да побараат помош.
„Постарите лица се ризични. Но, и луѓето кои имаат други болести се ризични како на пример лицата со карцином, бубрежни болести, луѓето со проблеми со срцето, луѓето кои имаат имунолошки проблеми, оние кои биле на трансплантација, бремените жени, пушачите, лицата кои имаат белодробни заболувања и слично. Она што често го гледаме меѓу тешко болните и младите е прекумерната тежина. Тоа е кај нас и во светот еден од важните ризични фактори, особено ако индексот на телесна маса е над 30. Ризикот кај таквите лица е од 30 до 50 отсто“, вели Маркотиќ.
Објаснува дека кај пациентите со прекумерна тежина има и други фактори за смрт, како проблеми со згрутчување на крвта, болни кои имаат тромбоза и белодробна емболија.
„Лицата со прекумерна тежина мора да бидат внимателни“, додава Маркотиќ.