На познатата ТВ-водителка Венди Вилијамс ѝ беше дијагностицирана фронтотемпорална деменција и афазија во 2023 година, а тоа го објави нејзиниот тим претходно оваа година. Сега нејзината старателка, Сабрина Е. Морисеј, назначена од судот, тврди дека нејзината деменција напредувала, а адвокатите на Венди посочија дека таа е прогласена за когнитивно оштетена и трајно неспособна, пренесува магазинот „Пипл“.
Нејзината старателка Сабрина исто така е вклучена во низа правни постапки против „А и Е телевижн нетворкс“, „Лајфтајм ентертејмнт сервисес“ и други компании вклучени во продукцијата и емитувањето на документарниот серијал „Каде е Венди Вилијамс“ (Where is Wendy Williams?). Таа во тужбата потенцирала дека медиумските компании кои стојат зад серијата „ја снимиле Венди без важечки договор и ја објавиле серијата без согласност“.
Таа исто така тврди дека Вилијамс во тоа време била во „многу ранлива“ состојба и дека „очигледно била неспособна за да се согласи да биде снимена“. Споменатиот серијал се фокусира врз нејзиното нагло заминување од јавниот живот, што предизвика контроверзии. Морисеј ги обвини споменатите компании дека на најсуров начин ја искористиле Венди за да добијат финансиска корист.
Потсетуваме, претставниците на 59-годишната Венди Вилијамс ја открија нејзината дијагноза во јавноста на почетокот на годината.
„Како што знаат обожавателите на Венди, таа во минатото беше отворена кога станува збор за нејзините медицински борби со Грејвсовата болест и лимфедемот, како и за други значајни здравствени предизвици“, напишаа тие, објаснувајќи дека Венди била подложена на серија тестови во текот на 2023 година, откако почнало да ѝ слабее сеќавањето, а исто така тешко зборувала и се однесувала чудно.
„Одлуката да се сподели оваа вест беше тешка и беше донесена по внимателно разгледување, не само за да предизвикаме разбирање и сочувство со Венди, туку и за да ја кренеме свеста за афазијата и фронтотемпоралната деменција и да ги поддржиме илјадниците други кои се соочуваат со слични околности“, изјавија тогаш претставниците на Венди.
Инаку и актерот Брус Вилис минатата година ја доби истата дијагноза како Венди.