Докторот од Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски на својот Фејсбук профил упати порака до бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, а по повод нејзината изјава дека Македонија „не може да сака да влезе во ЕУ и да го демократизира општеството, а во исто време да го слави еден од најмрачните диктатори – Тито“.
“ПОЧИТУВАНА МИНИСТЕРКЕ ЕКАТЕРИНА ЗАХАРИЕВА,
Дозволете да Ви поклонам еден краток бесплатен час по историја и демократија.
1. Човекот кого го нарекувате еден од најмрачните диктатори, создаде Балканска Европска Унија, од која и оваа Вашата може многу, многу да учи. Само да Ве потсетам дека Вашите родители во тоа време се колнеа на “вечната дружба” со демократот Сталин и неговиот сателит Тодор Живков.
2. Кога ние под водството на “Диктаторот” можевме слободно во секој час да го земеме пасошот и да заминеме во Трст, Париз, Барселона, Ленинград, Будимпешта, Вие со Вашиот пасапорт, кој мораше да Ви стои во МеВеРеТо, можевте да го видите Бургас, а заслужните граждани дури и Сочи.
3. Во државата на “диктаторот” секој граѓанин можеше да отвори штедна книшка со долари, марки, франци, додека Вашиот татко мораше на црно да ги купува во подземниот премин кај ЦУМ.
4. Во земјата на “диктаторот” слободно можевме веднаш да купиме Фолсваген, Опел, Рено, Форд, а во “вечната дружба” се чекаше 5-10 години за Трабант или Жигули.
5. ЗА д’вките, џинсот, адидаските, прашајте ги тие кои тарифираа за по две червени.
6. “Мрачниот диктатор” иако не беше историчар, многу подобро ја знаеше маката на македонецот и неговата тажна судбина и затоа секогаш за нас ќе биде МАРШАЛ ЈОСИП БРОЗ, или едноставно нашиот ТИТО.
7. Почитувана Екатерина Захариева, имавте можност и шанса да бидете впишана во македонската историја како СЕСТРАТА ЕКАТЕРИНА ВЕЛИКА, ама ќе Ве запаметиме како “екатерина мала пелинова”.
8. Почитувана Екатерина Захариева, ножот забиен од најблискиот највеќе ранува, ама и отрезнува. Кога нас Вашите браќа и сестри вака ЕВРОПСКИ и ДЕМОКРАТСКИ не шиканирате денес, ми станува многу појасно како “Вашата администрација” можеше мирно да ги испрати на неповратно патување во Треблинка, нашите еврејски сограѓани, во “среќните години” кога не ослободивте.
9. Ниту Вие, ниту Вашите наредбодавци, ниту Вашите хисторици и академици, не можете со Вашите небулози, да ја нарушите блискоста, разбирањето, почитувањето и љубовта меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
10. Искрено се надевам дека во целост ќе го разберете мојот пост, иако е напишан на тоа што Вие го викате “западноб’лгарски диалект”, а јас гордо го викам мој мајчин македонски јазик.
Искрено жалам што постов не можев да Ви го напишам на Вашиот прекрасен мелодичен бугарски јазик, ама и покрај тоа што одлично го разбирам, многу трудно мога да пишувам.
И на крај ќе завршам со зборовите на Тоше ВЕ САКАМ СИТЕ, ама ич не Ви го обичам Управителството !!!!“ напиша Беќаровски.