Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска до Кривичниот суд поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Јовановски, алијас Боки 13, доби обвинение за две кривични дела „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, Јанева е обвинета за злоупотреба на службена должност, а Зоран Милевски Кичеец за помагање на кривичните дела што ги сторил Јовановски.
Според обвинителството Бојан Јовановски и Кичеец земале 1,5 милиони евра а Јанева мебел во вредност од 296.040 денари и пари во износ од 50.000 евра.
Јовановски во периодот од месец ноември минатата година до месец април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител, се вели во соопштението од обвинителството.
Второобвинетата го прифатила влијанието на првообвинетиот и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување.
Откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој предлог бил прифатен од страна на судот. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.
Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, ги товари обвинителството.
Ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка, со Обвинителниот акт, до Основниот кривичен суд – Скопје е доставен и Предлог за продолжување на изречените мерки за обвинетите.