Паркирањето во Скопје ќе биде поскапо во деновите кога ќе бидат прогласени вонредни мерки поради надминување на праговите на алармирање на ПМ10 честички, е одлуката што Советот на Град Скопје ќе ја донесе на следната седница.
– Со оваа измена, градоначалникот на Град Скопје по прогласување вонредни и интервентни мерки во одредени денови поради загадувањето на воздухот, има можност да даде предлог на одредени паркиралишта цената за паркирање двојно да се зголеми само во тие денови. Во случај на енормно загадување на воздухот, ова би се применило во централното градско подрачје за да се стимулираат граѓаните кои патуваат во овој дел од градот да користат јавен превоз со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата кои го загадуваат воздухот, информираат градските власти.
Минатата година Градот прогласи вонредни денови само два пати.
Инаку, во централното градско подрачје ЈП „Градски паркинг“ стопанисува на околу 28 паркинзи, на кои цената за час паркирање се движи од 25 до 100 денари.