Повеќе од 70 активисти за правата на животните се соблекоа голи и се полеаја со лажна крв во неделата во центарот на Барселона, во протестен перформанс против индустријата на кожа и крзно.
Пријателите на животните легнаа на земја, едни преку други, на плоштадот Каталуња, една од главните туристички точки во Барселона. Една активистка меѓу нив, клечејќи, држеше натпис со порака на англиски и шпански јазик: „Колку животи за еден капут?“.
Протестот го организираше шпанската гранка на невладината организација за правата на животните Анима натуралис, порачувајќи дека „општеството мора да дознае за суровоста во индустријата на крзно“.
„Ја спроведовме оваа акција за да ја кренеме свеста за фактот дека 32 милиони животни се убиваат секоја година за нивните кожи да се претворат во едноставни модни предмети“, кажа координаторката на организацијата Кристина Ибанез.