Племето Водабе се номадски сточари од регионот Сахел во Африка. Нивните миграторни патувања го покриваат пространството на Северна Африка, каде што патуваат со својата стока и со семејствата низ сушните области на Нигер, Нигерија, Камерун, Чад и Централноафриканска Република. Тие се мала, изолирана гранка на етничката група Фулани и соседните племиња ги сметаат за диви, нецивилизирани луѓе, означени како Мбороро или „стоката Фулани“, што значи „оние кои живеат во логори за стока“.
Водабе ставаат голем акцент на убавината и шармот, бидејќи тоа игра витална улога во нивната култура. Кога станува збор за градењето врски, одговорноста паѓа на мажите, кои се должни да им го привлечат вниманието на жените. Поради тоа, мажите вложуваат многу време, пари и труд за да се разубават себеси.
Еднаш годишно, овие номади се собираат на фестивал познат какоГеревол. Тоа е најважната церемонија меѓу племето Водабе, на која мажите се натпреваруваат за младите, немажени жени да ги прогласат како најубави.
На овој натпревар во убавина за мажи, жените обично се помлади (во некои случаи може да имаат 12 или 13 години), а мажите го сметаат за фер-игра во заедницата, која е полигамна и полигина. Идеалот за машка убавина кај Водабе подразбира изразена висина, бели очи и заби, мажите често ги превртуваат очите и ги покажуваат забите за да ги нагласат овие карактеристики.
Мажите се украсуваат со низа шарени бои за лице. Нивната облека, исто така, е живописно украсена со бисери, пердуви, копчиња и топчиња во најсветлите бои. Туниките и шеширите со огледало придонесуваат за декоративниот изглед. Целосниот изглед со боите, шминката и облеката може да се опише само како женствен, од денешна културна перспектива.
Тие танцуваат како машки пауни или рајски птици, кои ги покажуваат своите пердуви за да ги привлечат женките. Тие во душа се анимисти и можеби затоа го имитираат животинското царство.
Жените го бараат оној со најубаво лице, најмаркантниот, највисокиот и најграциозниот. Мора да биде добро облечен, со широка насмевка и очи што блескаат.
Полигамни бракови
Геревол е познат и како Фестивал на крадењето сопруги, бидејќи мажите Водабе обично стапуваат во договорен брак во раната младост, што значи дека повеќето од оние кои учествуваат во церемонијата веќе се во брак.
Но Водабе се полиаморни луѓе, што значи дека спиењето со други луѓе иако се во брак, не е табу-тема кај нив.
Како резултат на тоа, жените што учествуваат на фестивалот обично спијат со мажите кои ќе ги одберат како победници.
Ако одлучи, жената може и да го напушти својот моментален сопруг и да се омажи за мажот што го одбрала – што значи дека некои членови на племето Водабе имаат и по неколку жени.