Музичката дива Шер проговори за спонтани абортуси кои ги доживеала за време на нејзиниот несреќен брак со Сони Боно.
Своето искуство го сподели на Твитер, каде напиша дека доживеала три спонтани абортуси, од кои првиот на 18 години.
„Бев сама во нашата куќа. Сони дојде дома, а јас плачев и се влечев по подот. Кога го доживеав вториот спонтан абортус, врескав од болка“, пишува Шер.
Таа вели дека поради ужасните болки лекарите решиле итно да ја однесат во болница и директно во операционата сала.
„Што ќе се случи со мене денеска? – прашала пејачката, мислејќи на поништувањето на пресудата „Роу против Вејд“, која на жените во САД им овозможи право на абортус.
Откако еден фан рекол дека не знаел дека Шер имала спонтани абортуси, пејачката одговорила дека никогаш не помислила дека тоа ќе го сподели со јавноста.
„Мајки, сестри, тетки, братучеди, најдобри другарки… ниту една жена не е безбедна во Америка. Наскоро никој со здрав ум нема да биде безбеден“, додала таа.
Шер подоцна во животот добила две деца, а своето прво дете, синот Чаз Боно го родила кога имала 22 години. Со нејзиниот покоен поранешен сопруг Грег Алман го добила синот Елајџа Блу Алман.
Пејачката претходно зборувала за нејзините спонтани абортуси додека се обидувала да има дете со Сони, велејќи дека искуството било кошмар, пренесува Page Six.
„По третиот пат стана ноќна мора. Луѓето ми честитаа бидејќи сум бремена, а потоа кога не бев, ми велеа: „многу ни е жал“. Си помислив: „Боже, не сакам повеќе да го слушам тоа“, изјавила Шер во една прилика.