Меган Маркл гостуваше во шоуто на Елен Деџенерис каде што покажа нова фотка од синчето Арчи, прозборе за мајчинството, но и се согласи да биде дел од познатите шеги на водителката, докажувајќи дека строгите кралски правила повеќе не важат за неа.
За време на гостувањето Меган излезе од студиото за да приреди „шоу“ со продавачите на паркингот, па „мораше“ да ги следи упатствата кои Елен ѝ ги кажува преку скриена слушалка во увото.
Елен ѝ даваше чудни наредби па таа ги исполнуваше.
Скокаше, ставаше работи на глава, грицкаше како верверица, пееше, викаше „На мама ѝ треба млеко“, потоа од чантата извади бебешко шише млеко и почна да пие, поради што продавачот не можеше да го скрие изненадувањето.
Во интервјуто, Меган прозборе и за животот со Хари, Арчи и 5-месечната ќерка Лилибет од која уште немаат споделено ниту една фотографија.
Војвотката откри дека Арчи ја сака улогата на поголем брат, како и дека навистина сака да танцува. Самата Меган, пак, обожавала да готви и е пресреќна што ќе го помине Денот на благодарноста со Хари и децата со домашно направен оброк.
Војвотката сподели и со какви предизвици се соочуваат со Хари.
„Некој му рече на Хари дека кога имаш едно дете, тоа е само хоби, а две деца се родителство. Тогаш сфативме дека сите зборуваат за тоа како му е на второто дете, но никој не прашува како се адаптира првото кога ќе пристигне второто“.
Меган истакнува дека со Хари вистински уживаат во животот во Калифорнија.
„Се преселивме овде за време на локдаунот кога сè беше затворено, па можевме да поминеме многу време дома и да се фокусираме на нашиот дом. Времето е прекрасно и среќни сме“.
Војвотката откри и забавен детаљ од врската со Хари пред целиот свет да дознае дека се пар. Имено, тие заминале на забава за Ноќта на вештерките со маски каде што никој не ги препознал.
„Хари дојде да ме види во Торонто и бевме заедно со двајца пријатели. Четворицата излеговме со маски за Ноќта на вештерките за да се забавуваме за последен пат пред целиот свет да дознае дека сме пар. Имавме бизарни костими, па тоа ни овозможи слободно да се забавуваме за последен пат“.