Пејачот со хаитско потекло Мајкл Бенжамен, попознат ако Микабен, починал во текот на неговиот концерт во Париз, извести агенцијата AFP.
Се претпоставува дека 41-годишниот Микабен на сцената доживеал срцев удар. Настапувал како гостин на концертот на групата Carimi, во париската сала „Accor“ со капацитет од 20.000 гледачи.
На снимките кои се појавија на социјалните мрежи се гледа како пејачот се обидува да ја напушти сцената. Веднаш потоа паѓа во бесознание пред публиката, настапот е прекинат и повикани се лекари, изјавиле очевидци за агенцијата.
„Потресен сум од ненадејната смрт на младиот и многу талентиран Мајкл Бенжамен. Изгубивме икона на хаитската музика“, изјави во пораката со сочувство премиерот на Хаити, Ариел Анри.
Трагедијата да биде поголема, Микабен зад себе ја оставил сопругата која е бремена.
„Не можам да зборувам. Ја загубив својата втора половина, и немам зборови“, напиша вдовицата на своите профили на социјалните мрежи.
Микабен не бил само изведувач, туку и плоден текстописец и продуцент. Роден е во 1981 година во хаитската престолнина Порт-о-Пренс, во семејството на исто така познатиот тамошен пејач Лајонел Бенжамен.