1. Манастирот Рајчица, с. Рајчица, Дебар
Овој комплекс се наоѓа во с. Рајчица, гордо издигнувајќи се над Дебарско Езеро, од каде посетителите имаат прекрасен видик на околината. Во самиот манастир може да се влезе преку две места. Низ големата двокрилна дрвена врата замандалена со тешки железни опкови, и малку подолу, вдолж уличето, низ малата врата која ве води директно во црквата. За манастирот, малата градина и возобновените конаци се грижат монахињи, кои се спонзорираат со изработка на митри. Во рамките на комплексот постои црквата “Св. Ѓорѓи Победоносец” (19 век) посветена на истоимениот светец, чијшто фреско-живопис е изработен од познатите македонски зографи, Данаил монах и уште попознатиот негов ученик Дичо Зограф. Црквата ја крие тајната за моштите на Св. Ѓорѓи Победоносец, светител од 4 век, кои можат да се видат заштитени во артефакт налик на рака-опков, дизајнирана од најпознатите изработувачи на филигран во Солун.
2. Моноспитовско Блато, Струмица
Во минатото големо езеро и дом на предисториска флора и фауна, денеска засолниште на ретки и ендемски видови организми, Моноспитовското Блато крај Струмица претставува предизвик за разни профили на научниците кои тука прават истражувања со децении. Во последните години со финансирање од европските фоднови, просторот во овој музеј на природни реткости е освежен со платформи и мрежа од дрвени патеки по кои може да се чекори над блатото, како и дрвени куќички за набљудување на птиците. На тој начин туристите и посетителите можат да уживаат во прекраснот природен амбиент на еден од ретките уникатни еко системи на Балканот, чувствувајќи го мирисот на алгите, трските, папратта, звукот на барските птици…
3. Султан Муратова Џамија, Скопје
Овој комплекс се наоѓа наспроти Бит Пазар, на тн. Виргинов Рид кој доминира над стариот дел на Скопје, познат како Старата скопска чаршија. Врз претпоставените темели на стар византиски манастир од 11 век се издига Султан Муратова Џамија (1436/37г.), една од најстарите џамии во Македонија и единствена царска задужбина на Балканот од Отоманскиот период. Во рамките на уредениот комплекот се наоѓаат уште и Саат Кулата (16в.), како и турбињата, т.е. мавзолеите на Бикиј Хан (1555/57г.) и Али Паша од Дагестан (1774г.). Како многу други објекти во стариот дел на Скопје, и оваа џамија настрадала во земјотресите од 1555 и 1963 година, а го преживеала и палењето на градот од страна на австрискиот генерал Пиколомини во 1689 година. По комплетната реконструкција и конзервација, денеска Султан Муратовата џамија е жив верски објект, во кој се уште има служба. Бидејќи џамијата е ставена под заштита на државата како ‘споменик на културата’, дозволен е влез за туристи и посетители, вклучително и за жени.
4. Традиционална архитектура, Кратово
Кратово е град-музеј под отворено небо со типичната архитектура зачувана со стотици години во деталите од фасадите на куќите, поради која доаѓаат туристите од целиот свет. Помеѓу оваа стара автентична архитектура денеска распределена во неколку маала, може да се видат и зачуваните 5 мостови и 6 кули од средновековниот и отоманскиот период, околу кои е испреплетен најразличен фолклор. Погледот од Симиќевата или Саат кулата кои се реставрирани и достапни на посетителите, визулено го доловува амфитеатралниот изглед на Кратово со куќите вгнездени во еден помал изгаснат кратер, од каде и потекнува името на градот. Покрај Центарот за Карпеста уметност и Музејот на град Кратово, попатно можат да се посетат Цоцев камен, археолошки локалитет од предисторијата и претпоставено светилиште во месноста Шопско Рударе, како и споменикот на природата во с. Куклице, со земјени пирамиди стари повеќе од 10 милиони години, кои наликуваат на човечки фигури.
5. Пештерни цркви, Национален Парк Галичица
Пештерните цркви се необичен и несекојдневен спој од природно и културно наследство, а како редок феномен со својата уметничка и историска вредност успеваат да го привлечат вниманието и на светската јавност. Најбројни се околу крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро, но ги има и во другите делови од Република Македонија. Најчесто датираат од Византискиот период (13/14 век па натаму) и содржат фрескоживопис кој е од времето на нивното создавање. За посета се препорачува пештерска црква – Св. Богородица во с. Пештани, со фрески карактеристични за Охридската сликарска школа од шеесетите години на 14 век. Во с. Пештани покрај плажите, исто така може да се ужива во многуте туристички угостителски објекти покрај Охридското езеро.
Извор: arheo.com.mk