Познатиот германски виролог Кристијан Дростен од универзитетската болница „Шарита“ во Берлин се огласи во својот редовен подкаст на кој зборуваше за скратување на периодот на самоизолација на пет дена. Досега самоизолацијата во Германија траеше две недели.
Дростен се залага за скратување на самоизолацијата затоа што смета дека со тоа ќе се одржи нивото на прифаќање на мерките од страна на граѓаните, но додава и дека петдневната самоизолација е на работ на епидемиолошки прифатлив период.
Овој виролог им препорачува на оние кои се во самоизолација да не го трошат тој период на тестирање, туку да се тестираат откако ќе помине периодот на самоизолација. Дростен верува дека заразените со коронавирус се најинфективни во период од пет дена, но и самиот тој забележува дека ова сепак е недокажана теза.
Неговата изјава предизвика дебата во германската јавност, па подоцна Дростен појасни дека неговиот предлог се однесува на т.н. групи на заразени, а не за сите.
Во секој случај, германските федерални и провинциски власти се согласија дека оние кои доаѓаат во Германија од области со висок ризик, бараат задолжително тестирање на коронавирус и петдневна изолација.
Здравствени експерти од некои германски партии исто така се изјаснија за скратување на периодот на задолжителен карантин за оние за кои постои сомневање дека се заразени со короната. Пратеникот на СПД, Карл Лаутербах смета дека карантин од пет дена е доволен, бидејќи „знаеме дека повеќето луѓе веќе не се заразни пет дена по појавата на симптомите“.
Здравствената експертка на либералната ФДП, пратеничката Кристин Ашенберг-Дагнус, исто така поддржува скратување на изолацијата на пет дена. Верува дека ова ќе го зголеми прифаќањето на мерките меѓу луѓето. Слично размислуваат и Зелените.