Зоран Михајлов
Почетоците на ракометот датираат уште од првиот период на 50-тите години од минатиот век. Тогаш, во целиот свет се мина од оној голем на малиот ракомет, па така таа трансформација беше извршена и во Македонија.„Новиот“ спорт веднаш ги освои срцата на младите, посебно средношколците – за чии потреби во училишните дворови се поставија голови и се обележаа ракометните терени, според тогашните прописи. Тука, во училишните дворови на земјените терени, кои подоцна беа асфалтирани, а многу подоцна и во училишните спортски сали, почнаа секојдневните ракометни активности. Оттаму произлегоа многу ракометари, кои подоцна продолжуваа во клубовите, а некои стигнуваа и до репрезентативните селекции во сите категории во поранешната држава. Еден од тие ракометари, кој веднаш блесна и ги освои симпатиите на бројнатаа ракометна публика беше Пепи Манасков.
-Почнав да играм во дворот на училиштето „Кирил и Методиј“ во Велес, кое беше познато по ракометните активности, вели Манасков. Во другите училишта, според афинитетот на наставниците се играше фудбал, одбојка, кошарка. Кај нас, ракометот имаше приоритет, па така и јас се најдов во екипата која настапуваше и победуваше на училишните спортски натпревари.
Но, Манасков не остана на тие меѓуучилишни победи и радости. Тој по својата физичка конституција отскокнуваше од своите другари и веднаш стана интересен за стручниот штаб на РК Борец, екипа со долга традиција, која во 60-тите години две сезони беше член и на Првата југословенска ракометна лига. Среќа беше, што ете Манасков се роди и живееше во познатиот ракометен град, па така лесно можеше да биде препознаен и вклучен во составот на екипата.
НАЈМЛАД ПРВОТИМЕЦ ВО БОРЕЦ
Низ РК Борец продефилираа многу играчи, кои изградија убави кариери и оставија печат на само ракометниот спорт во клубот и градот, туку и пошироко во поранешната држава. Меѓу нив беше и Пепи Манасков, но за него интересно е тоа – што тој беше најмладиот првотимец во екипата.
– Заиграв со 16 години и веднаш станав стандарден. Можеби моите физички предиспозиции и талент беа оние што брзо ми го отворија влезот во првата екипа, но, мислам дека другото – а тоа е околу 90 насто го стори работата и настојчивоста. Сакав да успеам, го засакав многу ракометот и верував дека еден ден и јас ќе станам познат во светот на овој спорт.
Манасков не само што стана познат, туку тој беше вистинска ракометна звезда, еден од најмаркантните претставници во македонскиот ракомет. За него почна наголемо да се зборува, а екипите пројавуваа големо интересирање и сакаа да го доведат во својата средина. Тој беше играчот кој беше желба на секој тренер, па така по неполна еднаипол година мината во Борец, на млади години заминува во Битола и станува член на РК Пелистер, на чие кормило во 1983 година беше Анте Костелиќ, таткото на скијачките асови Ивица и Јаница.
-Костелиќ беше тренер кој бараше пред се дисциплина и многу ангажирање на тренинзите и натпреварите, продолжува Манасков. Имавме жестоки тренинзи, но знаевме дека мора така да биде. Не изостанаа и резултатите, а нашите добри игри беа причина и салата да биде секогаш исполнета и во неа да има и повеќе од 4.000 гледачи. „Чкембарите“ беа главни, тие ни ја даваа онаа неопходна поддршка. Кога малку ќе подзастаневме тие со своето навивање не „креваа“ и ние тргнувавме во нова офанзива. Интересно е дека сите натпревари што ги игравме во тогашната Прва лига беа неизвесни. Не знам кој ни беше потежок противник – дали Борац од Бања Лука или Црвена звезда. Интерeсно беше и со Пролетер од Зрењанин, а за Металопластика и да не зборувам. Во една сезона, се решаваше кој ќе биде шампион – Металопластика или Пелистер. Мечот се играше во Битола, а во последната минута Вујовиќ постигна гол. Потоа дојде до мешаница, Вујо го искина записникот и тогаш дојде до вистинска бркотница на теренот. Дојде и до тепачка од која подебелиот крај го извлече Пелистер, кој беше казнет со одземање три бода. Ете во една зовриена атмосфера се случуваше да дојде до немили настани. Но, тоа брзо минуваше, а ние ракометарите останувавме и натаму пријатели.
Интересно е дека голманот на Металопластика Башиќ, кој бранеше и за репрезентацијата на Југославија, беше постојана „жртва“ на Манасков.
-Немав респект кон него и му ја полнев мрежата. Просек ми беше 10 -11 голови на натпревар. Никако не можеше да најде лек за мојот удар. Имав карактеристичен скок со задршка, па така тој ќе тргнеше на една, а јас пласирав на друга страна. Постојано се надмудрувавме и секогаш бев поуспешен од него.
ИСПУШТЕНА ОЛИМПИЈАДАТА ВО СЕУЛ!
Пепи Манасков по одличните игри уште на почетокот од кариерата заигра за младата селекција на Југославија. Неговите игри во Пелистер ги натераа селекторите брзо да му најдат место и во сениорската репрезентација на поранешната држава, па така во 1985 година Пепи во Ниш го имаше и своето сениорско репрезентативно деби.
-Тоа беше пријателски меч против Јапонија, се сеќава Манасков. Во составот беа Сарачевиќ, Јурина, Цветковиќ, Башиќ, а селектор беше популарниот Тута Живковиќ. По овој настап вратата во сениорската репрезентација ми беше отворена, па потоа под воството на Арсланагиќ настапив и на Тофејот на Југославија, што се играше во Скопје и во Велес. Се сеќавам во финалето загубивме од Полска. Потоа настапив и на Четирибојот на нациите во Загреб, кога го освоивме првото место, а јас против Германија во финалето постигнав 6 голови.
Во тој период југословенскиот ракомет високо котираше и на репрезентацијата насекаде и беше отворена вратата. Учествуваше на многу турнири, меѓу кои – за Манасков и малерозниот турнир во Дортмунд.
-Ова беше последна проба пред Олимпијадата во Сеул 1988 година, вели Мансков. Јас бев меѓу сигурните патници за Олимпијадата. Но, некогаш среќата го врти грбот. Во еден судир добив силен удар и скршеница на десната рака. Тоа беше крај на моите надежи дека ќе настапам на олимпискиот ракометен турнир. Така не ми се исполни желбата на најзначајната приредба во светот да заиграм со асови какви што беа Вујовиќ, Портнер, Вуковиќ, Цветковиќ, Сарачевиќ, Смаилагиќ…
Манасков потоа заминува на отслужување на воениот рок. Тој таму тренира и чека шанса повторно да заигра.
-По враќањето, со Пелистер заминавме на турнеја во Франција. И токму таа турнеја за мене беше пресвртница. Еден менаџер ме забележал, па јас по Трофејот на Југославија во 1991 година, заминав за Франција во екипата на Кретеј, чиј тренер беше асот на југословенскиот ракомет Исаковиќ. Така почна мојата интернационална кариера.
ПРВ СТРЕЛЕЦ ВО ФРАНЦИЈА
Манасков веднаш ги оправда очекувањата. Не само што беше стандарден во францускиот прволигаш, туку тој во првата сезона стана и прв стрелец во шампионатот.
-Постигнав 180 голови, што претставуваше рекорд во шампионатите на „триколорите“.Тој рекорд по неколку години го надмина Перуничиќ.
По оваа прва сезона во Франција за Манасков беше заинтересиран и Монпелје, но во последен момент овде работите се изјаловија. Причината беше што тимот веќе ја имаше исполнето дозволената квота на двајца странци.
-Но,не бев загрижен зашто во исто време добив покана од Хасанефендиќ, да дојдам во Хамелн во Германија. Тој веќе ја имаше изградена својата тренерска кариера и беше голем авторитет. Затоа не се колебав, дојдов во тимот и градот кој е во близина на Хановер. За мене беше предизвик да играм во полни сали. Ние уште таа година се боревме за титулата, но заостанавме за еден бод зад Кил и не успеавме да станеме шампиони. Но, тоа за мене беше година на полна афирмација во земјата – ракометна велесила.
Овде Манaсков останува 4 сезони. Тоа според него беше неговиот најубав период од играчката кариера.
-Бев многу популарен, дури и снимаа реклами со мене. Имав многу забележителни настапи, а се сеќавам на Лемго кој му беше противник на Пелистер во Евро-купот, постигнав дури 14 голови. Во весниците често, откако ќе имав некој таков ефикасен меч пишуваа: „Манасков бомбардерот од Македонија“. Мене тоа ми импонираше и бев горд.
Во Хамелн семејството се прошири со двата сина, кои тргнаа по стапките на таткото и веќе и тие се ракометни асови.
-Имав понуди, но токму поради тоа што имавме две мали деца, не сакав да се селам и останав во Хамелн се до враќањето во Македонија.
Пепи не можеше да ја заборави Битола, па затоа откако реши да се врати, дојде во Пелистер.
-Ми беше потребен одмор, па мислев дека играњето во нашата лига добро ќе ми дојде. Во 1998 година ја освоивме двојната круна. Потоа, дојде нов предизвик – да настапувам за Пивоварна Лашко од Целје, екипа со која двапати стигнав до полуфиналето на Лигата на шампионите. Тренер и овде ми беше Хасанефендиќ, а меѓу помладите играчи што најавуваа голема иднина беше и Вугринец. Во меѓувреме Македонија стана самостојна држава, па чувствував должност да ги бранам боите на репрезентацијата на мојата земја. Атанасовски-Чаве ми беше првиот селектор. Тој работеше заедно со Јовановски, па така двајцата создадоа еден цврст тим кој подоцна се избори за настап на Европското првенство во Италија и на Светското првенство во Египет, кои практично беа дебитантски настапи на нашиот национален тим на двете големи приредби. Беше големо задоволството да се игра за македонската репрезентација од која се разделив на 38-годишна возраст на мечот против Исланд во Скопје.
Пепи Мансков имаше супер успешна играчка кариера, која ја круниса со по две шампионски и куп-титули бранејќи ги боите на Вардар. Потоа освои титула и куп со Филипос од Вериа во соседна Грција, за повторно да се врати по една сезона во Вардар и Пелистер.
– Кога почнаа проблемите со мускулите, кои се потешко го издржуваа напорот – на 40 години, конечно се збогував од активното играње. Потоа, Манасков заплови во тренерските води. Тој останува и натаму во нашиот ракомет, а ракометната лоза на Манаскови ја продолжуваат неговите синови. Така, презимето Мансков уште долго ќе се споменува во ракометниот свет.
Лична карта-Пепи Манасков
Роден во 1964 година во Велес
Кариера: Борец, Пелистер, Кретеј, Хамелн, Пивоварна Лашко-Цеље, Вардар, Филипос-Вериа
Успеси: Репрезентативец на Југославија, репрезентативец на Македонија-учесник на ЕП-Италија и СП-Египет, многу шампионски и куп-титули во Македонија, второ место во Бундес лигата, три пати првак и куп-победник со Пивоварна Лашко во Словенија, титула и куп со Филипос во Грција
ВИСТИНСКИ ЛИДЕР
Пепи Мансков беше вистински лидер по осамостојувањето на Македонија во нашиот национален тим. Тој одигра 84 натпревари и постигна 264 голови.
Манасков имаше и 40 настапи за поранешна Југославија во младинска и сениорска конкуренција.
РЕКЛАМА СО ЏЕМС БОНД
Германците со Пепи снимија и реклама.
-Јас на рекламата толку силно ја шутирам топката, така што ниту радар не можеше да ја „улови“. За рекламата да биде поефектна се појавува со револвер и Џемс Бонд, но топката и од неговиот куршум беше побрза!