84-годишниот пензионер од Мелбурн, Австралија, веќе осум години се обидува да ја истера сопствената ќерка од неговиот стан, но иако потрошил мало богатство на правни трошоци, тој сепак не успеал во својот план.
Питер Грунди, пензиониран земјоделец од австралиската држава Викторија, се обидува да го продаде станот за да може да се пресели во старечки дом. Бидејќи нема право на пензија, тој мора однапред да плати за престојот во домот, а за да го стори тоа, тој мора да го продаде станот.
Питер се обидува да го стори тоа веќе осум години, но неговата 49-годишна ќерка Катрина прави се што е во нејзина моќ за да го запре. И покрај сите напори да ја истера од неговиот стан, таа одбива да се исели, а правните експерти велат дека пензионерот ги исцрпил сите законски опции.
„Државата Викторија нема други механизми на располагање да ја исфрли – тој стори сé што може, но таа остана“, изјави адвокатот Џејмс Лоренс за емисијата „9News A Current Affair“, додавајќи дека секој нов ден што таа го минува во станот е нов ден на неправда за него.
Катрина, наводно, вели дека нејзините родители и го оставиле станот во Мелбурн пред осум години, но иако судот го отфрлил тоа тврдење, тоа не ја сменило ситуацијата. Покрај тоа, таа стави предупредување за имотот. „Многу итро во правна смисла“, изјави Грунди, кој исто така се бори со карцином. И три месеци по пресудата, полицијата сè уште не се појавила на нејзината врата.
84-годишникот им откри на новинарите дека досега потрошил 70.000 долари за иселување на својата ќерка и проценува дека е во загуба од околу 200.000 доалри од потенцијалниот закуп во последните осум години.
Бидејќи станот е технички негов, тој ги плаќа сите даноци и комуналните услуги. Катрина тврди дека исто така придонесува за плаќањето, но не покажала докази.