Пациент со пулмонална хипертензија починал бидејќи не ги добил неопходните лекови за оваа дијагноза. Не го следувале на државна сметка поради тоа што болеста му била секундарна и не влегувала во програмата за ретки болести. По реагирање на здружението за ПХ до здравствените власти дека овој пристап е дискриминирачки, им било ветено дека терапијата ќе му биде достапна на болниот, но не дочекал да ја земе.
Во земјата има четворица пациенти со ретката болест Пулмонална хипертензија и уште десетина кај кои оваа дијагноза е секундарна. Овие лица имаат проблем со дишењето и слаба функција на срцевиот мускул. Ако навремено земаат лекови животот може да им биде продолжен за 20 до 30 години. Од здружението велат дека на приватно треба да издвојуваат и по 500 евра месечно, што не може секој да си го дозволи тоа.
Дополнителен проблем за лицата со пулмонална хипертензија е и загадениот воздух. Овие месеци и не излегуваат од дома.