Министерот за здравство Венко Филипче на денешниот прес кој го одржа заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски потенцираше дека пациентите многу доцна се јавуваат на болничко лекување.
-Пациентите доаѓаат во болница многу доцна, над 85 проценти од починатите пациенти имале претходни заболувања- рече Филипче и додаде:
– Ја очекувавме оваа ситуација, слична е состојбата во сите европски земји. Мора луѓето да покажат свесност. Доколку доследно се почитуваат мерките ќе има резултат. Се мобилизираат сите доктори за да помогнат во борбата со коронавирусот. В среда ќе одржиме состанок со приватните интерснисти кои се 56 на број. Половина од нив се од Скопје, а останатите од други градови. Ќе разговараме за нивно вклучување во системот на дежурства. Исто така обезбедени се повеќе тестови во повеќе институции, ќе се прават 350 повеќе тестирања во текот на денот.
Филипче рече и дека на денешната седница на Владата е ставена информација со која ќе се овласти Министерството за здравство да го потпише и посебниот договор преку заедничкиот рамковен договор со ЕУ за набавка на лекот „Ремдесивир“ и освен преку СЗО тој од следниот период ќе биде достапен и преку оваа набавка.
-Тестови има, лаборанти има, дијагностиката ќе ја прави Институтот за јавно здравје. Работиме и прва и втора смена, работиме по 16 часа, за да го надминеме овој проблем. Луѓето грешат сите доаѓаат во 8 часот наутро и затоа се создаваат гужви- рече Караџовски.