Повеќе од 20 патници се здобиле со изгореници откако скокнале од воз кој бил зафатен од шумски пожар во близина на Кастелон во североисточна Шпанија.
Во еден момент машиновозачот го запрел возот, за да се обиде да го сврти во друга насока, кога видел дека станало премногу опасно да продолжат.
Голем број патници ги фатила паника од страв од пожар, па решиле да ги скршат стаклата и да скокнат од возот.
Двајцата најтешко повредени се евакуирани со хеликоптер, додека останатите патници, меѓу кои и едно десетгодишно девојче, се пренесени во локалните болници.
Во моментот на инцидентот во возот имало 48 патници.
– Кога видоа дека се опколени со оган, се вратија во возот и неколку од нив се здобија со тешки изгореници – изјавил портпаролот на железничката компанија, пишува „Гардијан“.
Претседателот на регионот Валенсија рече дека повеќе од 1.000 луѓе се евакуирани од своите домови бидејќи силните ветрови во последните денови го разгореа пламенот.
Двајца пожарникари се тешко повредени додека го гаснеле пожарот.
Валенсија е последниот во низата региони во Шпанија кои летово беа погодени од пожари поради високите температури. Досега низ земјава се уништени десетици илјади хектари шуми.
Пожарите во градот Бежоиве досега уништија 1.900 хектари шума, додека во другите делови на покраината пожарот во Вал д’Ебо се уште не е под контрола.