Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека проблемот е решен и ќе има непрекината испорака на парно греење. Донесена е уредба за прогласување на кризна состојба, и Владата ќе обезбеди средства за субвенции на сметки за топлинска енергија. Владата преку ЕСМ ќе го стабилизира пазарот.
-Домаќинствата ќе имаат непрекината испорака на парно греење. На денешната седница донесовме уредба во делот на критериумите и условите за прогласување кризна состојба на пазарот на топлинска енергија. Владата ќе обезбеди финансиски средства со кои ќе се субвенционираат сметките за топлинска енергија на сите граѓани кои ја користат – објави Бектеши.
Министерот наведе ќе се формира комисија која ќе предложи мерки, во која ќе се бараат и предлози од ЗЕЛС.
-Нашата цел се граѓаните и жителите да се снабдуваат со парно. Има закони во оваа држава. Надлежностите во топлинската енергија се кај градот Скопје и кај нив треба да се бараат одговорите. Ние како Владата успеавме да најдеме решение во вакви тешки времиња. Утре и понатаму во текот на грејната сезона, скопјани нема да се разбудат со ладни радијатори -додаде Бектеши.