Од први август цената на парното ќе скокне за 14,18%. Ваквата одлука за топлинската енергија ја донесе денеска Регулаторната комисија за енергетика. Новата цена на парното зависи од цената на гасот кој е двојно поскап од лани.
-Ако зголемувањето на цената на парното се ориентира според поскапувањето на природниот гас, треба да изнесува над 150 отсто, но државата ќе преземе мерки на ублажување – изјави деновиве претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во пресрет на донесувањето на одлуката за поскапување на парното греење.
Останува неизвесно кој ќе ја преземе обврската да ги затоплува скопјани по раскинувањето на договорот со Балкан енерџи груп (БЕГ) кој досега беше задолжен за парното во Скопје. Владата најави распишување на отворен повик за компанија која ќе ја преземе обврската, а во краен случај се најавува можноста грижата за парното да биде префрлена на државната компанија Електрани на Македонија. До ваков развој на настаните дојде откако Регулаторната комисија за енергетика во јуни ги одзеде трите лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).
Извор Дојче Веле