Пари во соработка со платформата за бонитетни информации БизнисМрежа.мк, Ви го претставува уникатното издание „100 Најголеми“ компании по приходи во Македонија за 2020-та година.
Проектот „100 Најголеми“ содржи три категории – најголеми компании по приходи, добивка и број на вработени. Пари заедно со БизнисМрежа.мк во следниот период ќе ја објави и листата „100 Најголеми“ компании според остварената добивка, како и листата на 100 најголеми компании според број на вработени за 2020 година.
Битно е да потенцираме дека анализата ги опфаќа само 100-те најголеми компании во приватна сопственост без банки, финансиски и осигурителни субјекти. Најголемите компании во приватна сопственост во Македонија се рангирани во листата на 100 најголеми според нивните остварени вкупни приходи во 2020 година која е особено значајна за анализа поради здравствената криза која силно го стресе и стопанството.
Целта на проектот „100 Најголеми“ е да допринесе кон развој и јакнење на позитивната деловна клима низ промоција на позитивната деловна пракса на најголемите компании по приход, добивка и број на вработени.
Исто така овој показател овозможува поголема препознатливост и промоција на компаниите кои ќе го искористат правото да се стекнат со сертификатот „Аналитика 100“ на Аналитика Медиум (сопственик на порталот Пари), а со тоа пренесуваат информација дека припаѓаат во групата на најзначајни компании во Македонија.
НАЈГОЛЕМИТЕ 100 КОМПАНИИ со вкупен приход од 8,4 милијарди евра остварен во фискалната 2020 година ја пребродија кризата. Пад кај приходите е забележан, но само 8 проценти во однос на 2019 година. Од аспект на најголемите 10 компании евидентиран е пад од 12 проценти или годината ја завршиле со вкупен приход од 3,5 милијарди евра.
Првиот впечаток е дека влијанието на ковид кризата силно ги нарушило финансиските текови на поголем дел од најголемите 100 компании, а пред се тука се продажбите. Согласно податоците од платформата за бонитетни информации БизнисМрежа.мк, кај 53% од компаниите во листата 100 Најголеми евидентиран е пад на вкупните приходи.
Листата на најголемите 100 за 2020 година е приновена со 13 нови компании, кои успеале да направат пробив. Од нив само 2 влегле во 50 најголеми.
42% од компаниите имаат послаб ранкинг, во споредба со 2019 година, а само една од нив бележи минимален пораст на приходите.
Во топ 100 листата има голем диверзивитет кога станува збор за распонот на приходи и истите се движат од 26 милиони ЕУР до 1.7 милијарди ЕУР.
Анализирано според кумулативните податоци може да се увиди состојба во која една третина од компаниите оствариле приходи во ранг од 30-50 милиони ЕУР.
НАЈГОЛЕМИТЕ ДЕСЕТ КОМПАНИИ покажаа дека знаат да „пливаат” и во немирни води. Но, сепак и кај нив 2020 ја разниша воспоставената практика на стабилен пораст. Имено, 4 компании од најголемите 10 се соочиле со пад на приходите. Најголемиот пад на приходи е евидентиран кај компанија од нафтената индустрија, додека индустријата за електрична енергија дава свој претставник со најголем пораст на приходи.
Во елитното друштво на 10 најголеми во 2020 година има 2 нови компании, кои таму влегле од вториот ешалон компании (рангирани од 10-20 место), што не е случај и кај рангирањето според остварена добивка, каде има драстични поместувања.
Околу големината на овие 10 компании може да послужат следните податоци:
1. Приходот на првите 10 компании е поголем од вкупниот приход на 75 компании рангирани од 25-100 место.
2. Приходот на најдобро рангираната компанија е 94.6% од вкупниот промет на останатите 9 компании од најголемите 10.
Погледнете ја листата 100 НАЈГОЛЕМИ ОВДЕ.
Изработил: Pari.com.mk
Извор: БизнисМрежа.мк
Comments are closed.