Парагвајскиот обвинител за борба против дрога, Марсело Пеци, беше убиен вчера додека бил на меден месец на колумбискиот карипски остров, а напаѓачите побегнале со чамец, соопштија полицијата и неговата сопруга.
Парагвајскиот претседател го осуди злосторството како „кукавичко убиство“, а колега обвинител рече дека начинот на убиството потсетува на „мафијата“, пренесува Би-Би-Си.
Пеци (45) е убиен со два истрели додека се релаксирал на плажа на идиличниот туристички остров Бару, според изјавата на неговата сопруга, парагвајската новинарка Клаудија Агилера.
Двојката се венчаше на 30 април во блискиот град Картагена.
„Двајца мажи го нападнаа Марсел. Дојдоа (по море) со мал чамец или на џет-ски, навистина не видов добро“, изјави Агилера за весникот „Ел Тиемпо“.
Еден од напаѓачите се приближил и „без збор го застрелал Марсел двапати, едниот (куршум) го погодил во лицето, а другиот во грбот“, опишала таа.
Агилера, која е бремена, рече дека нејзиниот сопруг, со кој е во брак неполни две недели, не добивал никакви закани.
Хотелот „Декамерон“, каде што престојуваше парот, во соопштението наведе дека „атентаторите дојдоа на плажата… и нападнаа и убија еден од нашите гости“.
Мотивот за убиството сè уште не е познат, но парагвајскиот обвинител Аугусто Салас, колега на Пеци, рече дека нападот е „типичен за (нарко)мафијата, па така ќе мислам додека не се докаже спротивното“.
Шефот на колумбиската полиција, Хорхе Луис Варгас, изјави дека во Бару се испратени пет истражители и дека ќе добие поддршка од парагвајски и американски експерти.
Колумбискиот претседател, Иван Дјуке, го „осуди“ убиството на Твитер и рече дека изразува сочувство до неговата парагвајска колешка Марија Абду Бенитез и вети „соработка во пронаоѓањето на одговорните“.
Парагвајскиот јавен обвинител Сандра Куинонез рече дека Пеци добил „важни пресуди“ во 11-годишната борба против прекуграничниот криминал и нарко-картелите.