ПАПАТА ЛАВ XIV СТАНА МОДНА ИКОНА: Познатото модно списание го вброи меѓу најдобро облечените (ФОТО)

by Тони Зографски

Папата Лав XIV по третпат се најде на листата на најдобро облечени личности, а американското модно списание „Vanity Fair“ го вброи меѓу „оригиналите“ поради, како што наведува, неговиот препознатлив личен стил, особено комбинирањето на папската облека со спортски патики и бејзбол-капа.

Лав XIV, кој според сопственото признание не е љубител на модата, се најде на листата на списанието „Vanity Fair“, кое првпат по десет години објави избор на најстилизираните личности. Папата претходно беше вброен и на слични листи на списанијата „Vogue“ и „The New York Times“.

„Vanity Fair“, по неколкунеделна „конклава“ во текот на која ги разгледувал кандидатите, го вброи папата во категоријата „Originals“, заедно со пејачките Бјорк и Розалија, како и филмскиот режисер Спајк Ли, наведува NOS.

Заедничко за сите личности во оваа категорија, според списанието, се „исклучителниот личен стил и уникатната перспектива“, како и способноста работите „да ги одржуваат интересни и полни со изненадувања“.

Списанието особено го истакнува лежерниот став на 70-годишниот папа, кој го покажал и носејќи бејзбол-капа со свештеничката облека.

Американското модно списание „Vogue“ во декември минатата година го вброи поглаварот на Католичката црква на листата на 55 најдобро облечени личности за 2025 година.

Според пишувањето на „Vogue“, Лав направил отклон од ненаметливиот стил на својот претходник, папата Франциск, враќајќи се кон „папската традиција на совршено скроена литургиска облека“.

останати вести