Папата Франциск знае кој е виновен за хаосот во италијанските болници поради коронавирусот. Зборувајќи за потешкотиите во борбата на италијанското здравство со коронавирусот, го поддржа тврдењето дека дел од вината ја носат и оние кои избегнуваат да плаќаат данок.
Папата рекол дека бил многу импресиониран со текст на новинарот Фабио Фазио кој навел 15 лекции од пандемијата на коронавирусот, а посебно внимание обврнал на една од нив.
Фазио напишал дека оваа криза треба да ги поттикне луѓето повеќе да го ценат тоа што е навистина важно во животот како меѓучовечките односи, солидарност и чување на околината, и дека од политичарите треба да се бара одговорно да владеат.
„Стана јасно дека тие кои не плаќаат данок не прават само прекршок, туку и злосторство: ако нема доволно кревети и болници и респиратори, тоа е нивна вина“, цитираше Франциск дел од текстот.
Според податоците на италијанското министерство за финансии, избегнувањето на плаќање на данокот Италија ја чинело 109 милијарди евра просечно годишно од 2013 до 2015 година.