Тајното богатство и бизнисите на светските лидери, политичари и милијардери се откриени во едно од најголемите протекувања на финансиски документи. Околу 35 сегашни и поранешни лидери и повеќе од 300 функционери се поврзани со документи од офшор компании наречени „Пандорини документи“.
Како што пренесува утрово РТЦГ меѓу документите е и името на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и членови на неговото семејство. Вања Чаловиќ Марковиќ и Дејан Миловац пишуваат дека Мило и Блажо Ѓукановиќ склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во 2012 година, криејќи се зад комплицирана мрежа на поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора.
Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Ѓукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.
Од договорот може да се види дека Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син Capecastel Trust. Тие наведуваат минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица. Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и неговиот син покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставл црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон, пишува МАНС.
Во документите е и името на актуелниот министер за финансии на Србија и поранешен градоначалник на Белград Синиша Мали.
Новинарите од КРИК и мрежата OCCRP во 2015 година открија дека Синиша Мали, купил 24 луксузни апартмани во бугарското летувалиште Свети Никола на Црното Море. Вредноста на становите била околу пет милиони евра. Мали ги обвини дека лажат и призна дека купил еден стан, оној што бил регистриран на негово име.
Српскиот претседател Александар Вучиќ со години го брани својот близок соработник од сомненија за вмешаност во корупција, исто така, тврдејќи дека КРИК лаже.
-Имам апсолутна доверба во министерот Синиша Мали, рече Вучиќ претходно оваа година.
Но, како што пишува КРИК, Пандорините документи докажаа дека Синиша Мали бил сопственик на станови и две офшор компании. Мали ги купил становите во 2012 и 2013 година, во време кога беше економски и финансиски советник на тогашниот прв вицепремиер на Србија, Александар Вучиќ.
Мали купил 24 апартмани во Бугарија од компанија на Срѓан Дабиќ, поранешен кошаркар и директор на српската филијала на познатата руска нафтена компанија Лукоил.
Мали не одговорил на повикот на новинарите на КРИК за интервју или на деталните прашања што му ги испратиле.
Други звучни имиња се колумбиската пејачка Шакира, германската манекенка Клаудија Шифер и индискиот играч на крикет Сачин Тендулкар.
Тоа е најновото во серијата тајни документи што протекоа во последните седум години, по фајловите FinCen, Рајските документи, Панамските документи и Лукс Ликс.
Comments are closed.