Македонија го заврши учеството на првото европско првенство со пораз од Холандија од 3:0. За утеха може да ни бидат двата поништени гола поради одфајд. Нашата репрезентација играше добро, храбро а го имавме и одличниот Димитриевски на голот.
Холандија поведе со еден сомнителен гол, откако не беше досуден прекршок над Пандев, па од противнапад Депај погоди во мрежата на Димитриевски.
Во вториот дел Холандија излезе далеку помотивирана, па така Вијналдум во 51. и во 58. минута дојде до брзи два гола, и до 3:0. Вергорст ја погоди и пречката за поубедлив триумф на Холандија, а повторно беше поништен гол за Македонија, на Чурлинов поради офсајд.
Во 68. минута од мечот, моменти за историја. Горан Пандев беше повлечен од игра, па сите го поздравија македонскиот капитен кој го одигра последниот меч. Соиграчите направија шпалир, а беше поздравен и од премиерот Зоран Заев кој беше на трибините во Амстердам, како и некогашниот негов соиграч Весли Снајдер.