Вечерва на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски даде детали за апсењето на Љупчо Палевски во Турција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва ја објави целата траекторија на бегството на Љупчо Палевски Палчо, кој вечерва беше уапсен во Турција по распишаната меѓународна потерница.
Како што веќе беше објавено, Палевски со возило „шкода супер б“, кое го управувал неговиот адвокат, на 30 ноември е однесен во Србија. Таму ја поминува ноќта во хотел, од каде, како што објасни Спасовски, наредниот ден го презема друго лице од Скопје, со џип „ленд ровер“ и преку граничниот премин „Градина“ влегува во Бугарија. Денеска беше уапсен и помагачот, скопјанец кој го одвел од Србија низ Бугарија до Турција.
“МВР стапува во контакт со тамошната полиција, но и со нивен оперативен извор, кој врати повратна информација дека лицето се наоша во градот Баликесир, и ни ги кажа неговите намери, дека сака да замине во Истанбул. Во Баликесир останува, се подготвува и со такси возач сака да оди за Истанбул. Но, симулира одење во Истанбул и повторно се враќа назад во градот. Денеска попладнево од страна на турската полиција е уапсен додека се движел пеш по еден од автопатиштата кај Баликесир, објасни Спасовски.
Палевски ќе биде предаден на македонските власти кога ќе се заврши постапката за екстрадиција, за која Спасовски вели се надева дека ќе се заврши во најкус можен рок.
Спасовски се заблагодари на соработката и брзите реакции на службите од Србија, Бугарија, Турција, а посебно и за помошта понудена од Хрватска.