Две лица загинаа, а едно е повредено откако маж падна од седмиот кат во концертна сала во Шведска. Трагичниот инцидент се случи пред почетокот на трибјут концертот на „АББА“ во Упсала во близина на Стокхолм, на кој се собрале околу 1.000 фанови.
„Добивме повик во врска со лице кое скокнало или паднало од голема височина во концертната сала во центарот на Упсала“, изјавил за AFP портпаролот на полицијата Магнус Јансон Кларин.
Во предворјето на салата е отворен простор во кој паднало лицето од седмиот кат врз двајцата посетители, од кои едниот починал а другиот е полесно повреден. Лицето кое паднало, исто така, смртно настрадало.
Портапролот Кларин не сакал да го открива индентитетот на жртвите додека не бидат известени сите членови на нивните семејства.
„Прерано е да се каже дали станува збор за кривично дело“, истакнал Кларин.
Несреќата се случи само три дена пред излегувањето на првиот албум на „АББА“ по 40 години пауза. Групата следната година ќе одржи и серија концерти, на кои членовите нема да бидат на сцената.