Половина час по полноќ независниот пратеник Павле Богоевски ја напуштил полициската станица Беко, откако сам се пријави дека по телефон нарачувал масло од канабис за болната сестра- објави САКАМДАКАЖАМ.МК. Случајот од утре го презема Јавното обвинителство на Скопје, а предмет на истрага ќе биде таксистот кој возејќи го Богоевски, неовластено го снимал што зборува на телефон.
Инаку, Павле Богоевски вчера отиде во полициска станица откако на сајт регистриран во Русија беше пуштена аудио снимка од Богоевски како разговара на телефон и како нарачува, како што вели тој, масло од канабис за близок болен член од семејството, а не кокаин како што тврди на сајтот. Јавно побара да му биде направен тест за наркотички дроги како доказ дека ја зборува вистината. Не е познато дали во полициската станица било исполнето неговото барање, со оглед на тоа дека не е фатен со дрога, па да го тестираат, туку се пријавил дека место од аптека, нарачувал како што вели канабис од друго место.
Богоевски рече дека разговорот бил пред неколку месеци, а се пушта сега, бидејќи како претседател на собраниската мандатно-имунитетна комисија, треба веднаш да закаже седница за одземање на пратеничкиот мандат на азилантот Никола Груевски.