Пратеникот Павле Богоевски претпладнево до собраниските служби ја достави оставката, која ја најави на седницата на Комисијата за деловничко-мандатно и имунитетни прашања пред отворањето на точката на дневен ред за одземање на мандатот на пратеникот и поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби политички азил во Унгарија.
За Богоевски, кој е претседател на Комисијата, беше објавен компромитирачки телефонски разговор, за што од опозицијата беше обвинет дека го крши етичкиот кодекс и е недостоен за вршење на пратеничката функција. Независниот пратеник, кој е дел од пратеничката група на СДСМ, по ова најави дека ќе поднесе оставка, но откако ќе гласа за одземање на мандатот на поранешниот премиер Груевски.