Хотелиерите од Охрид и Струга ќе ги зголемат цените на аранжманите, по најавите од преработувачите дека нивните производи до крајот на годинава ќе поскапат и до 50 отсто, објави Алсат.
Од хотелската асоцијација велат дека повисоките цени ќе влијаат и на резервациите со странски гости за претстојната туристичка сезона.
„Ние ќе треба да ги сведуваме нашите производи кон новите цени на производите кои треба да ги плаќаме. Се надевам дека нема да биде преголем шок бидејќи и ние треба да преживееме и да ги наполниме капацитети кои ги имаме…. Ако сме со подобра цена, ќе имаме исполнетост од 50 соби, а ако имаме поскапа цена која не е конкурентна, можеби ќе имаме исполнетост од 30 или 25 соби“, вели за Алсат претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.
Хотелиерите веќе им ги најавиле новите цени на странските партнери.
„Не дека има расположение кај нив да се менува цената, но и тие се спремни, доколку покачувањето е минимално и расположливо за двете страни да се реализира“, изјави менаџерот на хотел Тоше Чочороски.
Дополнителен проблем за домашниот туризам и за опстанокот на хотелско-угостителските објекти би биле и најавите за енергетска криза, односно за раст на цената на струјата по Нова година. Велат дека тоа ќе биде уште еден сериозен удар за нив, па уште отсега бараат државата да им овозможи помош и субвенции.