Додека се одвиваше дебатата на посебната сесија во Претставничкиот дом на САД, на која американските законодавци го отповикаа претседателот Доналд Трамп, тој не мируваше, туку секој говор, реплика, претставка и предлог го коментираше на Твитер.
Многумина се зачудија од неговата постапка. Си замислуваа дека првиот човек на најмоќната сила во историјата на човештвото, седницата на Претставничкиот дом ќе ја помине во друштво на адвокати и советници, па на крајот ќе даде едно соопштение, со кое ќе ја најави својата одбрана во натамошната постапка пред Сенатот. Некој ќе претпоставеше дека тој ќе излезе пред камери, па од прес-салата на „Белата куќа“ ќе ја повтори бескомпромисната одлучност да се бори со своите политички противници, кои многупати ги обвини за „лов на вештерки“. Но не, претседателот на САД го вклучи Твитерот и почна да пишува.
Трамп испрати 45 твита за време на седницата на Конгресот, што во отсуство на официјална статистика, би го прогласил за светски рекорд. Неговото твитување почна со речиси беневолентната замерка за почетокот на седницата.
– Можете ли да поверувате во тоа дека денеска ќе бидам отповикан од радикалната левица, демократите што не работат ништо, а јас немам ништо лошо направено – гласеше првиот твит на претседателот.
Но, очигледно дека со развојот на интензитетот на дискусијата за импичмент, Трамп започна да ги губи нервите, па почна да „фрла камења“ по Ненси Пелоси.
– Ќе остане запомнета како најлошиот спикер во историјата – напиша Трамп за Пелоси, само еден ден откако ѝ го испрати писмото во кое ја убедуваше да запре со намерите за негово отповикување, а прецизните аналитичари забележаа дека една од речениците напишани од претседателот се состоела од неверојатни 214 збора.
Твитер не дозволува толку карактери, па затоа Трамп мораше да објави дури 45 твита, за да извади сè што му лежи на душа. Ѝ се обраќаше на нација, велеше дека е невин, дека е лажно обвинет, ги навредуваше своите политички противници, но главната порака ја сочува за крајот. Кога Пелоси го прогласи отповикувањето на претседателот и ги замоли пратениците да не аплаудираат, бидејќи донесената одлука е една од најтажните во историјата на американската демократија, Трамп го твитна претпоследниот, 44-тиот по ред твит.
– Ужасни се лагите на радикалната левицата. Ова е напад на Америка и на Републиканската партија.
На самиот крај, тој објави своја фотографија на која имаше текст, со кој ги предупреди американските граѓани дека „тие (демократите) не се против него, туку против нив (граѓаните)“.
Неколку часови по прогласувањето на импичментот, Трамп отпатува за Мичиген каде што им се обрати на своите симпатизери. Тој ги повтори своите твитови, со уверувањето дека отповикувањето нема да помине во Сенатот, каде што неговите републиканци го имаат мнозинството.
Доналд Трамп е отповикан од Претставничкиот дом дека ја злоупотребил својата функција, со тоа што наводно побарал од украинскиот претседател Володимир Зеленски, да фабрикува компромитирачки докази за Џо Бајден, поранешниот потпретседател на САД, во моментов еден од кандидатите на Демократската партија во пресрет на претседателските избори.
Трамп победи на изборите со помош на социјалните мрежи, кога успеа да го искористи Твитерот на мошне уникатен начин. Затоа во моментите кога неговата позиција е загрозена, тој својата одбрана ја пласира на истата мрежа.
Преземено од Фејсбук