Алекса Станковиќ (21) од Крушевац, кој се водеше за исчезнат од 28 декември минатата година, завчера беше пронајден во Белград. Тој во меѓувреме изнајмил стан во Белград, а планот наводно му бил оттаму да замине во Канада.
Полицијата средта го вратила Алекса во Крушевац, каде дал изјава, а потоа бил сместен кај својата баба бидејќи мајка му била во изолација. Но, тој не останал со семејството во Крушевац, туку повторно го напуштил домот и заминал во Белград. Во разговор за Нова С, неговата мајка Оливера, изјави дека не се видела со својот син бидејќи има корона, но братот и сестрата се виделе и разговарале.
„Тој е полнолетен, нема никакво казнено дело, така што има право да живвее и сам ако сака. Во полицијата рекол дека сака да ги оствари своите планови во Белград па да продолжи во Канада. Не сме се слушнале бидејќи телефонот му бил во Белград, но очекувам да ми се јави кога ќе стигне таму. Најважно ми е само да е жив и здрав“ – вели мајката на Алекса.
На прашањето зошто не и се јавувал додека го барале, таа вели дека не знае.
„Ние бевме во супер односи пред да замине. Тој е таков, не знае да се искара или да се замери за нешто, навистина се беше како што треба. Никој не можеше да насети дека ќе замине така без да се јави“ – истакнува мајката на Алекса која непосредно по исчезнувањето на нејзиниот син изјави дека Алекса тоа утро се однесувал најнормално и со ништо не најавил дека ќе замине.