Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, амбасадорката на УНДП во С. Македонија, Луиза Винтон и директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски официјално го пуштија во употреба зелениот кров, каде граѓаните во работното време на Трговскиот центар ќе можат да се забавуваат. Градоначалникот Шилегов рече дека се одлучиле иститот да може да се посетува само во работно време со цел да не биде вандализиран, но и додаде дека би сакал и останатиот дел од кровот на ГТЦ да се претвори во нешто слично.
„По неколкумесечна работа, заеднички ангажман со ГТЦ, во соработка со УНДП за отпорен град, го ставаме во употреба зелениот кров. Се надевам дека тука ќе се направат убави спомени. Мојата идеја беше да му дадеме нова додадена вредност на симболот по земјотресот, но и да овозможиме значително намалување на температурите во Малиот ринг. Очекувам дека овде на кровот, температурата ќе биде околу 16 степени помала отколку што била. Го враќаме зеленилото интензивно во Малиот ринг, каде во лудилото на проектот „Скопје 2014“ преку 70% беше исечено. Спремни сме да поддржиме други вакви иницијативи, немаме алтернатива во борбата за здрава, чиста животна средина“, рече Шилегов.
Инаку, покривот на ГТЦ е на површина од 1.800 квадратни метри засадени се повеќе од 20 висококвалитетни дрвја и над 30 други видови садници од категориите на средно и ниско зеленило. Поставени се неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, амфитеатрални скали, партерно шаховско поле и модерна урбана опрема согласно со потребите на посетителите. Проектот е финансиран од Град Скопје и имплементиран со поддршка од УНДП.