Во изминатите 24 часа регистрирани се 19 нови случаи на Ковид-19 во земјава од вкупно направени 512 тестирања, информира Министерството за здравство.
По градови новите случаи се откриени во Скопје – 11, Куманово – 2, Прилеп – 1, Тетово – 1, Велес – 1, Гостивар – 1, Струмица – 1 и Виница – 1.
Според информации на порталот ФОКУС, најмногу од заболените во Скопје се од Сарај, Чаир и Бутел.
Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1858, бројката на оздравени пациенти е 1367, на починати е 110, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 381.
Инаку, министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека се уште е рано да се отворат границите затоа што, според него, доколку се отворат огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии можно е да паднат во вода.
Филипче смета дека отворање на границите треба да биде координирано со соседните земји. Појасни дека тоа беше и причината за посетата на Грција, каде се дискутирало за начинот на поминување на границите, сега се чека на нивниот одговор.
-Ние сметаме дека отворање на границите мора да биде координирано ако ништо друго помеѓу соседните земји и тоа беше причина за посетата на Грција и работите кои таму ги дискутиравме во однос на начинот на кој што ќе се поминува границата во однос на потребните тестови и во однос на евентуалниот начин на било кој заболен од земјите, кои ќе се сложат на тој договор да добијат бесплатна здравствена заштита доколку при престој во некои од овие земји заболат од коронавирусот. Испративме официјално писмо до грчкото Министерство за здравство со кое ги формализиравме сите овие поенти кои ги разговаравме за време на состанокот и го чекаме нивниот одговор, рече Филипче во одговор на прашање.
Тој додаде дека Србија донела одлука да се отворат границите, но смета дека за нашите услови, тоа е уште рано. Сепак, како што рече, како Влада одговараат на сите барања за патувања на поединци кои треба да патуваат во странство или странци кои доаѓаат кај нас, така што додаде дека нема ништо компромитирачко.
-Во моментот кога ќе се отворат границите навистина огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии можно е да паднат во вода. Затоа сметам дека треба многу внимателно да се пристапи кон ова прашање, нема потреба од брзаае, ние имаме систем во кој што одговараме на апсолутно сите барања за патувања на поединци кои треба да патуваат во странство или странци кои доаѓаат кај нас или наши луѓе кои се враќаат во нашата земја преку Централниот штаб во Владата така да ништо не е компромитирано во однос на тоа, но мислам дека многу внимателно треба да се пристапи на прашањето, рече тој.