Најмалку осум лица загинаа, а седум повредени во пожар кој се случил утрово во 3:30 часот во старечки дом во општина Бараево во Србија, пренесуваат медиумите кај нашиот северен сосед.
На местото на настанот веднаш пристигнале екипи на Брза помош од Белград, Бараево и Лазаревац, а повредените биле пренесени во Ургентен центар.
Лука Чаушиќ, вршител на должноста помошник-министер и раководител на Секторот за вонредни состојби, соопшти дека пожарот е изгаснат, но се уште се врши увид во објектот.
„Во моментов се уште се бара да се види дали има остаток на извор кој би можел да предизвика дополнителен пожар. Причината ќе се утврди во наредните часови. Седум лица се префрлени во соодветна здравствена установа во Белград“, рече Чаушиќ.
„Ова е голема трагедија, но можеше да биде уште поголема“, додаде тој.
Пожарот најверојатно бил предизвикан од лице кое имало психички проблеми и го запалило душекот во собата од домот.
„Постојат сериозни индиции дека оваа трагедија е предизвикана од криминални активности на поединец“, рече минситерот за труд и социјала Немања Старовиќ.
РТС пренесе дека домот имал соодветна лиценца и сите потребни дозволи за работа.
Општина Бараево се наоѓа на околу 40 километри јужно од Белград.