На прв поглед, некој би помислил дека астронаутите на НАСА, кои останаа во вселената девет месеци подолго отколку што требаше, добија огромна компензација за нивниот неочекувано продолжен престој на „работа“.
Меѓутоа, тоа не е така. Суни Вилијамс и Буч Вилмор добивале само пет долари дневно за дополнителните 278 дена што ги поминале на Меѓународната вселенска станица (ISS), каде останале поради дефект во нивното вселенско возило. Да потсетиме, тие се вратија на Земјата пред два дена.
„Додека се во вселената, астронаутите се третираат како да се на службено патување“
Портпаролот на НАСА, Џими Расел, го потврди ова за „Њујорк тајмс“, како и информацијата дека Вилијамс и Вилмор се третираат како и секој друг службеник во владата кој оди на службено патување во соседна земја.
„Додека се во вселената, астронаутите на НАСА добиваат официјални налози за патување како вработени во федералната служба“, рече Џими Расел, портпарол на Одделот за вселенски операции на НАСА.
Вилијамс и Вилмор практично не можеа да го напуштат своето работно место, група модули кои орбитираат околу Земјата на секои 90 минути, повеќе од девет месеци.
Но, астронаутите на Меѓународната вселенска станица не добиваат компензација за прекувремена работа, празници или викенди, рече Расел.
Пет долари дневно за неочекувани трошоци
Нивниот превоз, оброци и сместување се покриени, како и за другите вработени на службени патувања, тие добиваат дневница за „непланирани трошоци“, рече Расел. Ова е дневна сума што им се плаќа на вработените наместо патни трошоци.
Надоместокот за непланирани трошоци за патување до која било локација е 5 долари дневно, потврди Расел.
Ова значи дека, покрај нивната годишна плата од приближно 152.258 долари, Вилмор и Вилијамс добиле околу 1.430 долари за нивните 286 дена во вселената.
„Ова е моето среќно место“, изјави Вилијамс за новинарите во септември. „Сакам да бидам овде во вселената. Едноставно е забавно, знаеш? додаде таа на прашањето за непланираниот продолжен престој на (ISS).