Дерматолог, специјалист по естетска медицина д-р Екатерина Јурукоски
Консултацијата кај доктор за естетско разубавување е вообичаено за современите мажи. Зависно од возраста, има различни причини за посета на клиниките за естетика, но во основа главната причина е да се подобри изгледот и атрактивноста.
Мажите не сакаат многу експерименти со својот излгед, па затоа им треба професионално и детално информирање за третманите, како околу постапката на третманот, така и околу долготрајноста на резултатите. Особено значајно е да се укаже на состојбата на кожата после третманот и можните несакани ефекти затоа што мажите сакаат дискреција околу нивните естетски третмани.
Машката кожа има свои специфики како во однос на коскената основа, така и во мимичните мускули што детерминира одреден образец на хроностареење и фотостареење. Во основа први знаци на стареење кај мажите се појавуваат на подоцни години во споредба со жените, меѓутоа имаат поголема и поинтензивна манифестација. Кај мажи борите се подлабоки и појасни , опуштеноста на мускулите е поинтензивна и подочниот предел е подлабок .
Од друга страна пак, не секој маж е спремен да биде отсутен макар еден ден од работа заради рехабилитација од спроведените естетско-козметички третмани за разлика од жените кои се потолерантни и поредовни во одржување на континуитетот на третманите до постигнување на саканиот ефект. Од тие причини, кај мажи, предност имаат третмани кои овозможуваат да се добие посакуваниот естетски резултат со најмал број третмани и со најкраток период на рехабилитација.
Мажот како пациент во козметичка клиника има секогаш специфични програми за нега и спречување на стареење кои обезбедуваат минимална иритација, брза рехабилитација и најбрз ефект. Од тој аспект најактуелни се третмани за прочистување на кожата во комбинација со третмани за длабинска хидратација. За решавање на промени на лицето како проширени пори, сувост, нерамномерна пигментација поврзани со стрес, лоши навики, неадекватна нега, бричење на лицето итн, се применуваат деликатни и благи ензимски и ултразвучни пилинзи. Најактуелни се благи пилинзи кои содржат полихидрокиселини, но и смирувачки и навлажнувачки компоненти. Такви препарати нежно ја прочистуваат кожата, и ја регенерираат и хидрираат без иритација и лупење. Во комбинација со третмани за лимфна дренажа кои ја подобруваат микроциркулацијатра, ефектот од пилинзите трае подолго време. Со огледа на брзиот живот, интензивната работа, големите одговорности и големата самоконтрола, најдобар третман на избор е оној кој ќе подмлади, рехабилитира, подобри микроциркулација, ќе делува антидепресивно и ќе го зајакне имуниот систем.
Во денешно време најбарани третмани за подмладување кај мажите се: ботокс третман, корекција и волуменизација на лицето со филери и минимални хируршки интервенции со брза рехабилитација.
- Ботокс терапија е најбаран третман меѓу мажите, затоа што се изведува во една сесија, со минимален број на убод, ефектот е долготраен до 6 месеци, а е безбеден третман со многу ретка појава на модрици поради убодот. Инјектирањето на ботокосот е барано не само за подмладување туку и како третман против прекумерно потење-хиперхидроза. Влажни дланки при поздравување и флеки на кошули ги ставаат мажите во незгодна ситуација. Со инјектирање ботокс на дланките и под пазуви, проблемот веднаш се решава.
- Волуменизација и корекција на недостатоци на лицето со филери. Длабоки назолабијални бразди околу устата, брчки околу очите и олабавување на средниот дел од лицето и знаците на стрес на лице може да се коригираат. Основните барања на мажите се максимален природен изглед, безбеден третман и долготраен резултат. Вбризгувањето на филерот се изведува со помош на специјални канули заради безболност на третманот, што е важно за осетливите пациенти.
- Лифтинг со радиофреквенција (РФ ) дава подигнување и зацврстување на ткивото на кожата преку стимулација на синтезата на колаген и намалување на масното ткиво. Потреби се 5-10 третмани, а резултатите се постигнуваат индивидуално после неколку третмани.
- Ултразвучен лифтинг (ХИФУ) е оптимален избор кога сакаме резултат со само еден третман. Се применува кај пациенти со опуштена кожа, вишок на кожа после ослабнување… Но видлив резултат во смисла на намалување на брчките, подобрување на тонусот и бојата на кожата се забележува после 3-6 месеци.
Современиот успешен маж во денешно време ги има сите можности да го подмлади својот изглед и да изгледа привлечно, младо и успешно. Со правилна програма за естетските корекции и разбирање и соработка меѓу докторот естетичар и пациентот, може да се постигне совршен резултат.