Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Ортостатската хипотензија е форма на низок крвен притисок кој се случува кога од седечка или лежечка положба се стане. Се должи на неадекватен физиолошки одговор на постуралните промени на крвниот пртисок. Може да е акутна или хронична, симптоматска и асимптоматска.
Ортостатска хипотензија се дијагностицира ако има пад од 20ммХг на систолниот или пад од 10ммХг на дијастониот крвен притисок во тек на 2-5 минути при застанување споредено со притисокот при седечка позиција или ако има симптоми.
Често се среќава кај постари (над 65 год.) и изнемоштени особи. Барорецепторите се успоруваат, срцето побавно го компензира падот на крвниот притисок.
Кај млади лица со ортостатска хипотензија причина е слабост на автономниот нервен систем. Постпрандијална хипотензија, почесто кај постари и лица со автономна дисфункција, се јавува кога притисокот паѓа по оброк.
Случајна, лесна акутна ортостатска хипотензија која трае неколку минути најчесто е предизвикана од дехидратација или подолг одмор во легло. Хроничната хипотензија сигнализира за некој здравствен проблем.
Ортостатска хипотензија се јавува кога има прекин во природните процеси во телото за одржување на крвниот притисок. Кардиоваскуарниот и автономниот нервен систем се важни за нормален одговор на промените на положбата на телото. Кога стоиме гравитацијата прави крвта да оди во долните делови, околу 500-1000 мл крв се задржува во нозете и стомачната циркулација. Крвниот притисок се намалува затоа што помалку крв циркулира назад кон срцето. Специјални клетки, барорецептори на артериите го чувствуваат овој низок притисок, испраќаат сигнали во мозокот кој испраќа сигнали срцето да чука побрзо и да пумпа повеќе крв за да се стабилизира крвниот притисок. Невролошките симптоми се резултат на намалената перфузија во мозокот.
Причината не секогаш може да се открие.
Интраваскуларно намалување на волуменот – дехидратација, температура, повраќање, недоволен внес на течности, дијареа, профузно потење, губиток на крв, шок, бременост.
Кардиоваскуларни – аритмија, срцева слабост, миокарден инфаркт, миокардитис, перикардитис, болест на срцеви залистоци, венска инсуфициенција.
Лекови – аналгетици, антихипертензиви, антиаритмици, антихолинергици, антидепресиви, антипсихотици, диуретици, нитрити, наркотици, невролептици, седативи, за Паркинсон, за еректина дисфункција.
Ендокрини – адренална инсуфициенција, Адисонова болест, дијабетес инсипидус, хипогликемија, хипокалемија, феохромоцитом, тироидни проблеми.
Болести на нервниот систем – Паркинсонова болест, деменција, амилоидоза, слабост на автономниот нервен систем.
Други причини – паничен напад, топлина, анемија, СИДА, пореметувања во исхраната, алкохол, долго лежење во легло, внес на оброк (поспрандијална хипотензија).
Најчесто се јавува слабост, замаеност и вртоглавица кога ќе се стане после подолго седење или лежење.
Може да се јави и несвестица и паѓање, конфузност, замаглен вид, гадење, главоболка, синкопа, палпитации, диспнеа, болка во градите.
Посериози компликации (кај постарите)ː паѓања, скршеници, мозочен удар, градна болка, пореметен срцев ритам.
Третманот зависи од причината. Наједноставно е да се седне или легне и да се подигнат нозете.
Компресивни чорапи за да се намали насобирањето на крв во нозете.
Промена на животните навики – внес на доволно течности, вода, избегнување на алкохол и претоплување, бавно станување, да не се прекрстуваат нозете при седење, помали оброци почесто во денот (наместо еден-два обилни).
Лекови – имаат доста несакани ефекти.