Грчките власти поставија 150 безбедносни камери на Акропол, бесни поради „срамната“ геј секс сцена снимена во светиот храм.
36-минутниот краток филм „Ксепартенон“ е снимен во декември минатата година, а во него, меѓу другото, се прикажуваат мажи во групен секс во Ерехтеон, мал храм на Акропол додека околу нив има туристи.
Филмаџиите ова го нарекоа „политички чин“, а инцидентот предизвика големо внимание во јавноста и ги принуди градските власти да преземат соодветни мерки.
„Тоа беше развратен, ужасно развратен чин“, рече главниот гард на Акропол, Јоанис Маурикопулос, додавајќи:
„Тоа е најсрамната навреда за ова свето место“.
Поради овој немил настан, храмот стар 2.500 години ќе добие нов високотехнолошки безбедносен систем од над 150 камери за следење на областа во реално време, изјави министерката за култура Лина Мендони.
Камерите ќе се следат од контролната соба 24 часа, така што специјално обучениот безбедносен персонал ќе може да внимава на можни инциденти.
Да потсетиме, секс сцената беше снимена во декември и предизвика бес во Грција кога излезе на виделина откако беше објавена на Интернет.
Министерството за култура веднаш реагираше и покрена истрага.
Според медиумите, на видеото се гледаат други учесници во филмот како прават круг околу главниот јунак, преправајќи се дека ги фотографираат убавините на Акропол, а околу нив може да се забележат посетители како шетаат и го обиколуваат овој белег.
Филмаџиите – кои избраа да останат анонимни – се опишаа како ЛГБТ + активисти и рекоа дека го избрале Партенон поради неговиот „симбол на национализам и носител на хетеро пораки“, пишува Дејли мејл.
Министерството за култура соопшти дека филмот е снимен без нивна согласност или дозвола.
„Археолошкиот локалитет Акропол не е погоден за секаков вид активизам или други активности кои би предизвикале навреда и непочитување на споменикот“, се вели во соопштението на Министерството.