Бизнисменот и ексминистер Борис Стојменов обвини дека Општина Центар му бара еден милон евра мито за да продолжи да гради. Тој ова го изјави за ТВ21 по инцидентот што се случил утрово на градилиштето на ТЦЦ „Плаза“. Инспектори заедно со полицијата интервенирале на градилиштето за да ја стопираат градбата на објектот.
Тој за телевизијата посочи дека хотелот има документи, а обвини и дека му бараат мито од еден милион евра за да можат да продолжат со работа.
„Четири години со платени комуналии, платено се, не може да градиме затоа што бараат милион евра мито. Не им давам мито“, вели Стојменов.
Подоцна се огласи и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ во врска со случајот.
“Денеска овластен градежен инспектор на Општина Центар, заедно со раководителот на Сектор за инспекциски работи во присуство на овластени лица од ПС Центар, согласно член 136 од Законот за градење, излегоа на терен и констатираа дека инвеститорот ДРУШТВО ЗА ЕКОНОМСКИ КОНСАЛТИНГ – ЕКОНОМСКО БИРО ДОО Скопје не го почитува Решението од 26.02.2020 година за отстранување на градбата – Деловен простор – објект од втора категорија со димензии 61,00 м x 34,50 м, кој се гради од армиранобетонска конструкција на улица Даме Груев бр.35А и службениот знак за затворање на градилиштето.
Инвеститорот не поседува одобрение за градење на градбата. Во определените три дена инвеститорот не ја остранил градбата и затоа, на 28.04.2020 година овластениот градежен инспектор носи заклучок со кое решението е извршно. Инвеститорот со заклучокот требал сам да ја отстрани градбата во спротивно, тоа ќе се стори по административен пат на сметка на инвеститорот.
На 08.05.2020 година со записник од извршен инспекциски надзор, градежна инспекција на Општина Центар го затвора градилиштето кое е оградено, поставена е лента за спречување на натамошна изградба и на јавно место е истакнато дека е затворено од градежна инспекција, а инвеститорот има рок од 30 дена да ја усогласи натамошната изградба или да ја отстрани градбата. Овој заклучок е поради фактот дека инвеститорот и покрај претходно донесените заклучок и решенија продолжил со градба на објектот. И покрај се инвеститорот, самоволно, ја отстранил лентата за заградување на објектот и служебниот знак со кој е затворено градилиштето и продолжил со градба.
Инвеститорот и покрај тоа што е донесено решение и заклучок за уривање, и затворање на градилиштето по член 136 од Законот за градење, на насилен начин го отстранил знакот за затворање на градилиштето. Поради тоа во присуство на полиција денеска од градилиштето се отстранети затекнатите работници и согласно Закон, против инвеститорот ќе се поведе постапка пред надлежните органи“ – напиша Богдановиќ на Фејсбук.