Хирургот кој се потпишувал на органите на пациентите што ги оперирал е избришан од лекарскиот регистар.
Сајмон Брамхол признал дека користел уред за емитување зраци на аргон за да ги вреже своите иницијали на црниот дроб на двајца пациенти додека во 2013 година работел во болница во Бирмингем.
По анализата на тој случај, Медицинскиот суд оценил дека се работи за „професионална ароганција“ и дека неговите постапки ја поткопуваат довербата на јавноста во лекарската професија, пишува Би-би-си.
Во декември 2017 година, Сајмон Брахмол се изјаснил за виновен и судот во Бирмингем го казнил со 10.000 фунти. Во декември 2020 година тој беше суспендиран на пет месеци, а во јуни беше укината наредбата за суспензија и предметот повторно беше доставен до Медицинскиот суд на разгледување.
Медицинскиот суд на почетокот на неделава пресуди дека дејствијата на Брамхол ја „нарушиле“ довербата меѓу лекарот и пациентот и го исклучиле од лекарската комора.
Иако судот „прифатил дека ниту еден пациент не претрпел трајно физичко оштетување“, постапките на хирургот предизвикале „значителна емоционална штета“ на еден од нив.
Судот навел и дека Брамхол пред овој скандал бил со „добар карактер“, но дека отстранувањето од регистарот било „соодветна санкција“ за „тешко нарушување на достоинството на неговите пациенти“.
По рочиштето, издадена е наредба за итно суспендирање, која ќе биде во сила во текот на жалбената постапка.
Брамхол бил откриен кога друг лекар забележал иницијали со големина од околу четири сантиметри на органот што го трансплантирал Брамхол и кој откажал една недела по операцијата.
Брамхол си дал отказ во болницата во Бирмингем во 2014 година.