Книгата на авторот Алекс Прудом, „Dinner With the President: Food, Politics and a History of Breaking Bread at the White House“, детално ги опишува прехранбените навики на американските претседатели и нивните први дами, меѓу кои се истакнале Кенедиеви, кои се наречени „најголеми гурмани во историјата на Белата куќа“, пишува „Vogue“.
Џеки Кенеди обожувала да појадува во кревет. Секое утро батлерот ѝ носел послужавник на кој се наоѓале тост со мед, сок од портокал и кафе со обезмастено млеко. За ручек најчесто бирала супа и сендвич, во кој повремено додавала и топено сирење.
Нејзината омилена вечера се состоела од готвен лосос и јагнешко со компири и боранија, по што се засладувала со сладолед.

Нејзиниот сопруг Џон Кенеди исто така го започнувал денот со тост, но со мармалад, по што јадел поширани или варени јајца. Таа навика го следела до крајот на животот, а тоа бил и неговиот последен оброк пред да биде убиен во Далас на 22 ноември 1963 година.
Инаку, омилениот ручек на Кенеди била традиционална супа од школки од Њу Ингланд.

Колку Кенедиеви сакале фина храна, говори и еден интересен податок од книгата. Имено, Џеки го најмила славниот француски готвач Рене Вердон, за да ги подигне кулинарските стандарди во Белата куќа.
Исто така, претседателот и првата дама инсистирале на тоа во текот на дипломатските вечери да се послужува исклучиво калифорниско вино од Напа или Сонома.