Омикрон не е истата болест што ја имавме пред една година, а високата стапка на смртност од ковид-19 во Обединетото Кралство е минато”, истакна водечкиот британски имунолог, Џон Бел во разговор за „Би-Би-Си“.
Бел, професор по медицина на Оксфорд и еден од научните советници на британската влада, вели дека, и покрај растот на хоспитализациите во последните недели поради ширењето на омикрон меѓу популацијата, „изгледа дека болеста е помалку опасна, а пациентите во болница минуваат релативно пократко време”.
Помалку пациенти завршуваат на кислородна поддршка, а просечното време што го минуваат во болница паднало на три дена, додал Бел.
“Повеќе научници ја критикуваа одлуката на британската влада да не воведе нови построги мерки во Англија пред новогодишната ноќ. Некои ја опишаа одлуката како најголемиот јаз меѓу научните совети и законот од почетокот на пандемијата“, пренесува „Гардијан“.
Тие велат дека се загрижени затоа што, и покрај фактот што се чини дека омикрон предизвикува помалку сериозни симптоми, тоа е екстремно заразна варијанта на ковид-19, што значи дека бројот на хоспитализирани и починати може нагло да се зголеми без интервенција на владата.
Имавме многу социјални контакти меѓу генерациите за време на Божик, па сега ќе видиме дали ќе имаме значително зголемување на бројот на пациенти во болниците со тешки симптоми на омикрон, рече Крис Хопсон од јавниот здравствен систем на Велика Британија.
Но, професорот Џон Бел вели дека ситуацијата со омикрон, сепак, треба да биде подобра од минатата година.
“Ужасните сцени што ги гледавме минатата година во преполните единици за интензивна нега, многу луѓе умираат… според мене, тоа е нешто од минатото, рече Бел.
Тој, исто така, вели дека за време на брановите на ковид-19, вклучително и делта и омикрон соевите, инциденцата на тешки симптоми и смрт практично не се променила откако сите се вакцинирале.
Бел додаде дека напуштените улици во изминатите неколку недели покажаа дека луѓето се доста одговорни во однос на заштитата од вируси.