Со зимскиот распоред на летови што почнува утре (30 октомври) од скопскиот аеродром ќе има вкупно 41 дестинација, до каде ќе летаат 13 авиокомпании, а на охридскиот аеродром седум редовни дестинации со четири авиокомпании. Разликата со летните распореди на летање се само сезонските летови и на скопскиот и на охридскиот аеродром.
Во првите девет месеци од годинава на двата аеродрома има зголемување од 82 проценти на патничкиот сообраќај во однос на истиот период од 2021 година, а намалување од 9,6 проценти кај карго сообраќајот.
– Споредено со 2019 година, која ја сметаме за референтна година во воздухопловството, бидејќи беше пред да се појави Ковид-19, нивото на патнички сообраќај е -12 проценти или сме на 88 проценти од патничкиот сообраќај што го имавме во 2019 година. Во однос на карго-сообраќајот, во првите девет месеци од годинава има волумен од 2407 тони, што е намалување од 9,6 проценти во однос на истиот период од 2021 година. И покрај тоа што имаме зголемување на увезените карго пратки, поголемото намалување на извезените карго пратки во исто време придонесува вкупниот волумен да биде помал од лани, изјави за МИА Метин Батак, генерален директор на „ТАВ Македонија”.
Од ТАВ Македонија очекуваат во 2023 година позитивниот тренд на пораст на патничкиот сообраќај да продолжи со повисока стапка.
– Очекуваме дека целосно ќе закрепнеме од ударот на Ковид-19 и ќе ги постигнеме нивоата на патнички воздушен сообраќај што ги имавме во 2019 година. Разбираме дека потрошувачката моќ на граѓаните може да се намали, но знаеме и дека сите имаат заштедено пари на страна за патувања, особено по последните две години кога луѓето се воздржуваа од трошење. Затоа, мислиме дека луѓето ќе продолжат да претпочитаат авионски превоз наместо копнен превоз, бидејќи тој е побрз, овозможува удобност и погодност за патниците. Особено за туристичките патувања, односно патувањата заради одмор и рекреација, изјави Батак.
На двата аеродрома во државава од јануари до крајот на септември годинава се превезени над 1,8 милиони патници (1 811 168) и се реализирани 14.823 летови.
Статистиката за патничкиот сообраќај на „ТАВ Македонија” покажува дека дестинации со најголем сообраќај од скопскиот аеродром, од јануари до септември, биле: Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 13 проценти пазарен удел); Виена (6,3 проценти); Цирих (6,2 проценти); Базел Милуз (6,2 проценти); Анталија (5,4 проценти); Минхен Меминген (4,1 процент); Дортмунд (3,8 проценти); и Келн (3,1 процент).
Топ пет држави со директни летови се: Германија (23,7 проценти пазарен удел); Турција (20,1 процент); Швајцарија (14,2 проценти); Шведска (6,8 проценти); и Австрија (6,3 проценти). Најголем број патници во првите девет месеци од годинава превезе Виз Ер (58,2 проценти пазарен удел), по што следат Туркиш Ерлајн (12 проценти); Пегасус ерлајн (6,4 проценти); Аустријан (6,3 проценти) и Чер Ерлајнс со пет проценти.
На охридскиот аеродром, пак, најфрекфентна дестинација за патување е Виена со 17,9 проценти пазарен удел, потоа Базел (15,4 проценти), Цирих (13,9 проценти), Малме (10,3 проценти), Меминген (10,2 проценти), Амстердам (9,2 проценти), Фридрихсхафен (8,7 проценти), Дортмунд (7,8 проценти), а останатите дестинации се со пазарен удел од 1,4 проценти.