На денешната седница на Владата донесен е нов пакет мерки, по препорака од Комисијата за заразни болести. Олабавувањето на мерките во земјата поради пандемијата на Ковид-19, ќе се одвива во три фази.
„Прва фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на вонредна состојба и ограничување на движење, со постепено намалување на времетраењето на ограничување. Втората фаза е транзициона односно инициално воспоставување на работните процеси, со строго одредени мерки. Третата фаза е потполно враќање на редовно работниот процес, со почитување на противепидемиски мерки, кои што значи дистанцирање и лична хигиена“, изјави техничкиот министер Оливер Спасовски.
Меѓу секоја фаза ќе следува проценка на состојбата, за да се продолжи со олабавување на мерките.
Од утре се отвораат и ќе се вратат во функција: центрите за едукација, обука, семинари на возрасни, организација на седници и на органи за управување, конференции, авто-школи, испитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови, тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер без угостителска дејност и затворени трговски центри, односно молови, исто така без угостителска дејност како и центрите за рехабилитација на слух, говор и глас, кои целосно ги подготвија капацитетите.
Моловите ќе работат со скратено работно време, од 10 до 18 часот, освен во недела кога нема да работат, но се уште ќе важат мерките за ограничување на бројот на лица кои ќе смеат да влезат во објект и дистанца меѓу нив.
Сите овие субјекти мора да се придржуваат до дистанцата, носењето на заштитни материјали, со одреден број присутни во локалите, односно местата.