Од Македонската радио-телевизија (МРТ) информираат дека по инцидентот што се случи за време на официјалната церемонија на отворањето на Евросонг 2022, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме, детаљно ги разгледале сите аспекти за евентуално повлекување на нашата претставничка од Евровизија.
„Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции што не се за занемарување. Имено, со откажувањето би се загрозиле и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани што јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа“, се наведува во соопштението на МРТ.
Во него се додава дека јавниот сервис ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација од Торино откога членовите ќе ги поднесат извештаите за случувањата на церемонијата.
„Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот ‘Евровизија’, што предизвикува негативен публицитет на МРТ, уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската радио-телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија“, стои во соопштението.