Новинарот и долгогодишен дописник на „Нова Македонија“ од Прилеп, Тачко Локвенец почина на 79-годишна возраст, како последица од коронавирусот. Тој освен што известуваше за „Нова Македонија“, работеше и во Радио Прилеп, „Народен глас“, го издаваше и својот весник „Порта”.
Читателите го паметат и по безброј други текстови и репортажи, никаде не одеше без својот тефтер, од кој излегуваа неговите прилепски хроники. Напиша и голем број на анализи и коментари. Автор е и на повеќе книги, „Вест и власт“, „Љубовни легенди од Прилепската чаршија”, „Судница лудница”, „Дабница”, „Ние сме тука”,„60 години од почетокот до денес” и други.