Светот е поделен околу конфликтот што со денови се одвива на релација Израел и Палестина, во кој секојдневно се бројат нови жртви, главно недолжни цивили. Поддршката за Израел и поддршката за Палестина, како во времето од „Студената војна“ ги раскаруваат големите сили и нивните „приврзоци“.
Морничавите снимки од разрушените згради во Газа го обиколија светот, но наместо тоа да го обедини во намерата да биде упорен во спречувањето на понатамошното разгорување на конфликтот, светот остана каков што и од секогаш бил. Разединет во различноста на интересите.
Заедничката резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), три пати досега е блокирана од претставниците на САД, од каде одбиваат да дадат поддршка на „заедничкиот глас“, поради тоа што текстот ја содржи формулацијата „прекин на огнот“. Но, Владата на Израел од 1948 година до денес изигнорирала 65 резолуции на ОН, па никој и не се надева дека овој пат ќе биде поинаку, но загрижува што американскиот Стејт департмент се противи на тоа воените операции да запрат и да ѝ се даде шанса на дипломатијата.
Ситуацијата ја поправи претседателот на САД, Џо Бајден, кој пред неколку дена обави телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на кого му пренесе дека очекува значителна деескалација на патот кон прекинот на огнот.
Во американските медиуми аналзираат дека пораката на Бајден кон Нетанјаху е мошне значајна и доаѓа по серијата упатени критики кон претседателот од делот на јавноста, бидејќи во претходните денови тој само еднаш повика на прекинување на насилството.
А зошто конфликтот започна? Знаеме дека не треба многу за да се разгорат израелско-палестинските односи, а во овој случај тоа беше одлуката на Уставниот суд на Израел, со која неколку палестински семејства требаа да бидат деложирани од своите живеалишта во Ерусалим. Тоа ги дигна на нозе Палестинците од Ерусалем, чии протести завршија пред џамијата Ал акса, што во рамазанските пости доби сосем поинаква димензија. Интересно е дека на отворен бунт се покрена и арапското население кое живее во Израел, а набргу започнаа да долетуваат гранати од Појасот Газа, истрелувани по наредба од военото крило на организацијата Хамас. На тоа следуваше остра реакција на израелската војска.
Израел има право да се брани, повикуваат лидерите на поголем број на земји, а другите апелираат на тоа дека и Палестинците имаат право на живот. Светот е поделен по ова прашање, што е идеална шанса за крвопролевање.
Повторно би се навратил на Бајден и неговата препорака до израелскиот премиер. Тука јасно е изразена одлучноста на американскиот претседател за мир, до кој треба да дојде со деескалација на нападите. Тоа дава надеж дека Палестинците, мислам на децата и нивните мајки, ќе бидат спасени од бомбите.
Тука морам да подвлечам една непријатна паралела, но и да потсетам дека работите сепак се менуваат на подобро, бидејќи во сабота навршуваат точно 74 години од потпишувањето на актот од страна на тогашниот американски претседател Хари Труман, со кој на Грција и се дава воена и економска помош за борбата против комунизмот. Оваа помош овозможила пресврт во Граѓанската војна во Грција, и како резултат на тоа — Егзодусот на Македонците.
Монархо-фашистичката влада на Грција во 1974 година доби голема помош од САД, во борбата со Демократската армија на Грција, во чии редови масовно се бореа етничките Македонци. Во разбивањето на позициите на ДАГ учевствуваа американските бомбардери, кои во арсеналот од проектили користеа меѓу другото и напалм.
И покрај големата поделеност која владее во светот по прашање на израелско-палестинските непријателства, мора да признаеме дека е направен голем напредок. Бајден за разлика од Труман повикува на деескалација на воените дејствија, а тоа може да спаси голем број на животи.
Преземено од Фејсбук