Цените на горивата се намалуваат од денеска, а во следните денови и цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. Ова е резултат на донесените мерки за намалување на ДДВ и акцизата, а со цел намалување на ценовниот шок поради војната во Украина.
Согласно усвоените измени на законите за ДДВ и акцизи, цената на бензините ќе се намали за 6,5 денари, а на дизелот за 9 денари.
Со оваа одлука се овозможува да се пресметува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светските берзи.
Владата донесе и Одлука за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Оваа одлука овозможува да се примени повластена даночна стапка која изнесува 10%, врз прометот и увозот на енергенти, за определен временски период во определени услови
Во следните три месеци, односно до крајот на мај годинава стапката на ДДВ за основните производи за човечка исхрана ќе биде намалена од 5 на 0 проценти, а данокот на горивата се намалува од 18 на 10 проценти, како и акцизата за 1, 2 или 4 денар. Повластената стапка од 5 проценти ДДВ за електрична енергија за домаќинствата се продолжува до крајот на 2022 година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, на прес-конференција во Владата вчера ги повика граѓаните и стопанствениците да бидат рационални во трошењето на енергенсите и да не подлегнуваат на шпекулации кои се на штета на личниот буџет, нагласувајќи дека сите мерки се преземаат навремено и дека нема простор за паника.